Македонија
2. November 2015 - 15:45

Во Ѓорче Петров почна тринаесеттиот циклус посети на општините на Град Скопје

Тринаесеттиот циклус посети на општините на Град Скопје денеска официјално започна со средба со претставници на урбаните заедници од општина Ѓорче Петров на која градоначалниците на Скопје Коце Трајановски и на Ѓорче Петров, Сокол Митровски и директорите на јавните градски претпријатија дискутираа за состојбите на терен во општината, меѓусебната соработка, како и резултатите од истата.

- Овие средби претставуваат одлична можност да се сретнеме со претставниците на урбаните и на месните заедници и да ги слушнеме мислењата на граѓаните за проектите на Градот Скопје и нивните потреби. Ќе разговараме за прашања кои се во надлежност на Градот Скопје и јавните претпријатија, како што се сообраќајот, јавниот превоз, комуналната хигиена, одржувањето на зеленилото и за многу други прашања. Она што е специфично за есенскиот циклус на посети е тоа што дел од средбите ќе бидат искористени за презентација на проектите кои ќе бидат реализирани на територијата на сите општини, како и можноста за предложување проекти кои ќе влезат во програмите за работа за 2016 година, изјави градоначалникот Коце Трајановски.

На територијата на  Ѓорче Петров во 2016 година, посочи Трајановски, ќе се реализираат поголем број проекти, а како најважен може да се издвои втората фаза од проектот за пробивање на булеварот „Партизански одреди", на потег од базата на ЈСП до кружниот тек кај црквата „Свети Петар и Павле", а ќе продолжат и активностите за расчистување на имотно правните односи за пробивање на тесните грла на улица „Борис Сарафов".

Градоначалникот на општината Ѓорче Петров, Сокол Митровски  ја поздрави оваа работна пракса и средби, нагласувајќи дека истата резултира со голем број  реализирани проекти.

Според него, овој воспоставен механизам на работа дозволува најнепосредно избраните претставници на граѓаните да даваат забелешки и идеи на администрацијата и јавните претпријатија, што изминативе години резултира со значително зголемување на квалитетот на услуги коишто ги даваат Градот Скопје и јавните претпријатија.

Следните неколку денови, паралелно со средбата, екипи на јавните препријатија ќе дејствуваат на територијата на Општина Ѓорче Петров во областите на нивните надлежности.