Македонија
20. October 2017 - 11:06

Во Гевгелија за три дена 100 лица примиле вакцина против грип

 

Центарот за јавно здравје од Гевгелија набави 400 вакцини против грип од кои изминативе три дена се потрошени околу 100, изјави денеска епидемиологот Саше Олумчев.

- Пред три дена почнавме со имунизацијата на населението и покрај тоа што до овој момент на територијата на општина Гевгелија нема регистрирано болни од грип. Очекувам до крајот на месецот да се зголеми интензитетот, затоа што голем е интересот за примање вакцина, особено од пациентите од ризичните групи, кардиоваскуларни, астматични, белодробни болести и дијабетес, лица на возраст над 60 години, како и оние со намален имунитет, рече Олумчев.

Дел од вакцините ќе бидат потрошени за имунолошка заштита на пациентите од Негорската психијатриска болница, а доколку се појави потреба, Олумчев најави дека подрачната единица на Центарот за јавно здравје од Гевгелија ќе набави дополнителна количина вакцини против грип чија цена изнесува 400 денари.