Македонија
15. October 2015 - 14:36

Во Гевгелија одбележан Денот на слепите лица

 
Гевгелија, 15 октомври 2015 (МИА) - Здружението на слепи лица од општина Гевгелија денеска го одбележа 15 октомври, Светскиот ден на слепите, со одржување тркалезна маса со претставници од локалната самоуправа и невладиниот сектор од општината.
 
Шеесетината членови на здружението со поканетите гости разговараа за законските прописи и пристапите кон непосредната околина,како и за потребите за подобрување на условите за живот на слепите лица.
 
Во поглед на подобрување на нивните услови за живот, слепите лица од надлежните општински институции побараа да интервенираат веднаш во санирање на отворените шахти и несредените тротоари по кои секојдневно се движат затоа што во Гевгелија сеуште нема специјална патека за нив. Во блиска иднина побараа за нив да се инсталираат звучни семафори и банкомати, како и да се обезбеди повеќе простор за паркинг на лицата со хендикеп пред болницата,банките и во центарот на градот.
 
Слепите лица од општина Гевгелија побараа да им се подобри финансиската состојба, во рамки на можностите, а од Центарот за социјална работа побараа финансиска помош за купување на помагала за слепи лица.