Македонија
29. October 2021 - 11:34

Во Дебар ќе се прегласува на едно избирачко место, во Центар Жупа нема гласање

Во недела во Дебар ќе се прегласува на едно избирачко место, откако Управен суд ја прифати тужбата на коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива, а ДИК врз основа на тоа донесе решение за повторување на гласањето.

Тоа со оглед дека вкупниот број на запишани избирачи на ова избирачко место влијае врз вкупните резултати во оваа општина.

-Прегласување за градоначалник и за советници ќе има на избирачко место 0543 сместено во просториите на гимназијата. Во единствениот избирачки список запишани се 777 лица со право на глас. Во првиот круг ова право го остварија 484 од кои 16 ливчиња беа неважечки. Се е подготвено и очекуваме гласањето да мине без проблеми, изјави за МИА, Рилинд Хаса, претседател на ОИК-Дебар.

Како што претходно информираше портпаролот на Секторот за внатрешни работи од Охрид, Стефан Димоски, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „повреда на избирачко право“, заради оневозможување на гласање, дебарското одделение за внатрешни работи на 22 овој месец поднесе кривична пријава против претседателката на избирачкиот одбор токму на избирачко место 0543.

Во приговорот на АА-Алтернатива беше наведено дека записникот од Избирачкиот одбор е невалиден бидејќи не бил потпишан од мнозинството членови на ИО. Исто така, беше наведено дека претседателот на Одборот на избирачкото место на денот на гласање бил разрешен од ОИК Дебар, но продолжил да ја врши функцијата.

Вчера државната изборна комисија ја разреши Општинската изборна комисија за Дебар, поточно нејзиниот прв ешалон, додека остана и понатаму заменик-претседателот и замениците на членовите на комисијата.

Нов претседател на ОИК-Дебар е Рилинд Хаса, а потпретседател на комисијата и понатаму е Јованка Јосифовска.

Инаку, на ова избирачко место во првиот круг кандидатот на ДУИ и актуелен градоначалник Хекуран Дука, освои 195 гласови или 40,29 отсто од запишаните(777), Беким Поцеста од Алијанса за Албанците-Алтернатива 271 или 55,99 отсто, и Петрит Клења, кандидат за градоначалник од ДПА, два гласа или 0,41 отсто.

Во првиот круг од гласањето, од запишаните 19.211 граѓани, правото го осварија 8.046 лица или 41,88 отсто. Најмногу гласови доби Поцеста 3.998 или 49,69 отсто, Дука 3.713 или 46,15 и Клења 47 или 0,46 отсто.

Во општина Центар Жупа гласањето за градоначалник и за советници целосно ќе се повтори, бидејќи не беше исполнет законскиот цензус за излезност од 1/3 од вкупно запишаните гласачи.

-Од вкупно запшаните 7.317 гласачи, гласаа 1.886 или 25,77 отсто. Порад тоа целиот изборен процес се повторува, што подразбра дека треба да бидат распишани нови избори, рече Неџип Илјаз, претседател на ОИК-Центар Жупа.

На изборите на 17 октомври во оваа општина Аријан Ибраим, од Турската демократска партија, кој по третпат ја бара довербата на граѓаните, освои 1.342 гласови или околу 72 отсто, додека неговиот противкандидат Шаин Шаќир од партијата Движење за национално единство на Турците, 482 гласа или 26 отсто.