Македонија
21. July 2020 - 18:59

Во Дебар двајца новозаразени и едно оздравено лице

Во последното деноноќие во Дебар регистрани се два нови случаи на заболени со Ковид-19, а битката со опасниот вирус ја доби уште еден пациент.

Со последно дијагностицираните, вкупната бројка на заразени изнесува 175. Од нив, петтмина се од Центар Жупа. Оздравени се 58 пациенти, починаа петмина, а активни се 112 лица. Десеттина се хоспитализирани на Инфективната клиника и во болницата „8 Септември“ во Скопје.

Од вкупната бројка, 124 се од втората фаза на болеста, откако со регистраниот случај во село Долно Косоврасти, на 5 јуни, болеста повторно, по педесет дена, се врати во ова подрачје.

Општинскиот Оперативен штаб на вчерашната попладневна средба ја оцени епидемиолошката состојба како многу критична, со секојдневно ширење на инфекцијата.

Според заклучокот на штабот, ширењето на вирусот е последица на високото ниво на непочитување на мерките за заштита од страна на граѓаните и деловните субјекти кои  генерално не ги почитуваат работните протоколи и работното време.

Врз основа на договорено на средбата, денеска во утринските часови вработени од Јавното комунално претпријате„Стандард“ и Територијалната противпожарна единица извршија дезинфекција на главната и пофреквентните улици и јавни површини во градот.

Омер Цами, член на Оперативниот штаб и раководител на Секторот на комунална хигиена во „Стандард“, за МИА изјави дека дезинфекција ќе се врши двапати неделно, во понеделник и во петок, во траење од еден месец, каде концентрацијата на заразените е најголема.