Македонија
21. September 2018 - 14:37

Во Чешиново-Облешево се одбележува празникот на општината

 - Со низа свечености и културни настани во Чешиново-Облешево се одбележува празникот на општината и 14-годишнината од нејзиното основање.

На свечената седница на Советот, на ученици од општинските основни училишта им беа доделени признанија за најдобри литературни творби на конкурсот под наслов „Мојата општина“.

Градоначалникот Горанчо Крстов оценува дека жителите се горди на постигањата, посебно во изградбата на инфраструктурата, па иако претежно земјоделска, општината станува препознатлива на стопанската карта на Македонија.

- Наша главна задача е да обезбедиме решавање на комуналните проблеми во сите населени места. За одбележување е што во изминатиот едногодишен период изградивме бунар за водоснабдување на Спанчево, обновивме неколку мостови, асфалтирани се улици во четири села, Чешиново доби пристапна пешачка патека, а во план се уште неколку инфраструктурни зафати до крајот на годината. Освен тоа, се трудиме да создадеме услови и за изградба на стопански капацитети, пред се во областа на земјоделството, истакна Крстов. 

На оризовите полиња во атарот на село Чифлик со благослови и жетварски песни се изврши традиционалното зажнејување на првите снопја ориз, со што и официјално е означен почетокот на жетвените активности.

Свечената програма за одбележување на денот на општината ќе продолжи вечерва со дефиле на фолклорни групи Македонија и од збратимените градови од Романија и Бугарија, а во паркот во Облешево ќе се одржи концерт на учесниците на дефилето, како и на гостите Сузана Гавазова и оркестарот Агушеви.