Македонија
12. October 2020 - 16:47

Во Битола заразено 2 месечно бебе

Двомесечно бебе од Битола е позитивно на Ковид-19. Се заразило од член на семејството, односно од бабата која е од друг град, а позитивна е и мајката на бебето, информираат од Министерството за здравство. Оттаму велат дека бебето е со лесна клиничка слика и под надзор на матичниот педијатар. Двомесечното бебе досега е најмладиот пациент регистриран во Битола, откако во август беше регистриран случај на тримесечно бебе заболено од Ковид-19.

Двомесечното бебе е еден од 12-те новорегистрирани случаи според вчерашната статистика во Битола. Највозрасниот од овие случаи е на 79 годишна возраст, додека пет од вкупно 12 дале податок за контакт со веќе позитивно лице, според податоците од Центарот за јавно здравје Битола.

Последниве денови се полни и Инфективното одделение во Битола.  Денес има 29, вчера беа 27 пациенти, во саботата 24, додека на 6 октомври бројот на пациенти бил 14. Директорката на Клиничката болница во Битола вели дека се уште има капацитет на Инфективното одделение во Битола, кој се утврдува според потребите. 

-Во моментот имаме 29 хоспитализирани пациенти, на возраст од 26 до 80 години, од нив еден е од Кичево, еден од Ресен, еден од демирхисарско, другите се од Битола. Во моментов имаме се уште слободни капацитети во Инфективното одделение во Битола, изјави д-р Билјана Гагачовска, директор на Клиничка болница Битола.

Инаку, во Битола според вчерашната статистика има 105 активни случаи, а бројот на заболени во последните неколку дена е зголемен.