Македонија
20. November 2019 - 19:51

Во Битола отворен почесен конзулат на Република Албанија

Битола, градот на конзулите доби уште еден почесен конзулат. Денеска на Широк Сокак свечено беше отворен почесниот конзулат на Албанија во Битола, а за почесен конзул е назначен Имер Селмани.

Битола е од големо значење за Албанците затоа што тука пред 111 години е унифицирана албанската азбука, рече Селмани.

-Градот Битола има голем придонес во создавањето на самата азбука, со тоа и Албанците и Македонците кои живееме тука заедно со сите други етнички заедници, сме горди на минатото. Со овој чекор и со многу голем труд и работа, сите ќе работиме да се гордееме за нашата иднина. Затоа што имаме заедничка цел и заедничка иднина, да имаме подобро место за живеење, да сме под едно сонце во НАТО и Европската Унија, изјави Имер Селмани, почесен конзул на Албанија во Битола.

Со конзулатот ќе се продлабочи соработката меѓу Албанија и Македонија.

-Го имаме 10-от почесен конзул во нашиот град. Ме радува што ова ни отвора можности за многу подлабока соработка меѓу двете држави, отворање на границите многу повеќе, на спуштање на ниво на локални самоуправи, благодарение на тоа што имаме почесен конзул кој што на некој начин ќе го олеснува сиот овој процес, изјави Наташа Петровска, градоначалник на Битола.

На свеченото отворање на конзулатот денеска присуствуваа албанскиот амбасадор, владини министри, почесните конзули на конзуларните претставништа во градот и други гости.