Македонија
13. November 2020 - 21:22

Во Битола нема проблеми со наставата со физичко присуство

Стабилна е состојбата во училиштата каде се одвива настава со физичко присуство,  истакна министерката за образование, Мила Царовска при денешната посета во Битола. Каква е моменталната состојба со позитивни ученици и наставници во државата?

-77 ученици и околу 150 наставници на ниво на држава според последниот пресек. Ме радува дека бројот се намалува, минатата недела имавме околу 85 ученици, сега бројот се намалува бидејќи тие што биле позитивни сега стануваат негативни, но не се случуваат нови, така што стабилна е состојбата во училиштата, изјави Мила Царовска, министер за образование.

- Во општина Битола има 1.464 ученици со физичко присуство на настава, а заболени од Ковид се 5 ученици и 7 наставници, што значи, успешно се справуваме со предизвикиот на денешницата, изјави Наташа Петровска, градоначалник на Битола.

Матурата ќе се реализира во наредната година согласно законски рокови и затоа министерката ги  повика учениците до крајот на ноември да изберат проектна задача, до крајот на наредниот месец да изберат предмети кои ќе сакаат да ги полагаат на матурата.

-Не сакаме пандемијата да предизвика застој во развојот на нашите ученици кои што се наша иднина, и затоа согласно законските рокови матурата ќе се реализира во текот на наредната година, како иста пракса што се случуваше во други држави од регионот и Европа. Матурата ќе се реализира и во нашата држава затоа што не сакаме да бидеме исклучок. Матурата е значајна за утврдување на знаењата и за понатамошен развој на нашите млади, рече Царовска.

Што се однесува пак до зимскиот распуст, Царовска истакна дека тој ќе се реализира според календарот во јануари како и досега, а второто полугодие ќе започне на 21 јануари.