Балкан
22. May 2020 - 9:00

Во БиХ уништен археолошки локалитет стар 4.000 години

Непознати сторители уништиле археолошки локалитет во областа Купрес во Босна и Херцеговина што има докази за луѓе кои живееле таму пред 4.000 години, потврди Фрањевачкиот музеј и галеријата Горица кај Ливно.

На локалитетот Мали Хан, во близина на населбата Лиштани, бил уништен тумул со ископ на песок, гробница создадена во праисторискиот период во чие опкружување и подоцна, за време на раниот среден век, мртвите биле погребувани.

Фотографиите од музејот покажуваат прокопување низ гробница, од која се гледаат човечки коски и камена облога.

„За жал, во тој дел од локалитетит се случи нелегално ископување песок, за време на кое местото беше уништено“, се вели во соопштението на музејот.
 
Локалитетот Мали Хан, како и сите тумули на Купрес, се национален споменик под државна заштита затоа што зачувува докази за живот во областа од праисторијата.

Тумулите се земјени могили, издигнувања што можат да се видат во различни делови на полето Купрес, а како историски места тие биле истражувани од познатиот босански археолог Алојз Бенац во 80-те години на минатиот век.

Бенац утврдил постоење на 51 тумул, од кои четири беа испитани. Тој напишал за ова во студијата „Праисториски тумули на теренот Купрес“ објавена во Сараево во 1986 година. Сепак, истражувањето на тумулите е документирано уште порано, во 19. век.

Според истражувањето, тумулите се формирани за време на раното бронзено време, односно меѓу 2200 и 1600 година п.н.е. Во средниот век имале култно значење.

Нема јасни докази за тоа како тие настанале, освен претпоставката дека тие се наследство на некои од номадските племиња, кои потекнуваат од индоевропската област за време на историските миграции на Балканот.

Институтот за заштита на споменици на БиХ бил информиран за уништувањето на локацијата од Ливно, кое истражува што точно се случило и за степенот на штетата.