Балкан
26. May 2020 - 14:46

Во Белград бурни реакции на политичарите, медиумите и на граѓаните за неотворање на границата на Црна Гора со Србија

Во Србија не стивнуваат бурните рекции по одлуката на официјална Подгорица да не ги отвори границите на земјата за српските државјани. Реакции доаѓаат како од државниот врв така и од медиумите и граѓаните.

Прв реагираше министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ, кој оцени дека станува збор за „смешен и бесмислен политички чин“ и дека оваа одлука ќе има директни последици и штети за граѓаните на Црна Гора.

– Тогаш, кои туристи ќе им дојдат? Црногорската власт испрати порака со тоа каде треба да одат нашите граѓани како туристи и каде да ги остават своите пари, изјави Дачиќ, кој додаде дека Србија засега нема да испрати протестна нота до Црна Гора.

Реагираше и премиерката Ана Брнабиќ, која кажа дека Србија нема да спроведе реципрочна мерка, повикувајќи ги граѓаните да не летуваат таму каде што не се пожелни.

– Ние нема да ги спречиме обичните црногорски граѓани да ја посетуваат Србија, но уште повеќе ќе спречиме да влезат криминалците и мафијашките кланови од Црна Гора, кои со децении убиваат во Србија и ги тероризираат нашите граѓани, изјави Брнабиќ.

Реагираше и вицепремиерката и министерка за инфраструктура и транспорт Зорана Михајловиќ, која кажа дека „одлуката на Владата на Црна Гора јасно испраќа порака дека нема море само Црна Гора, изразувајќи увереност дека српските граѓани ќе ја разберат и таа порака“.

Медиумите пишуваат дека „веста од Подгорица синоќа и денеска одекнала како бомба во Србија“ и дека „ако не нè сакате, ние ќе одиме во Хрватска или Грција“.

Порталот Мондо, со насловот „Дали Црна Гора летово е осудена на пропаст без Србите“ пишува дека социјалните мрежи се возвриени, а повеќето граѓани порачуваат дека нема да одат таму на одмор.

– Ова ќе им се удри од глава, имајќи предвид дека Србите се втори по број туристи во оваа земја (16,7 проценти), пишува Мондо.

Блиц во текстот со наслов „До вчера браќа, а денес… Како, по одлуката на властите во Подгорица, се разгореа коментарите полни со омраза меѓу братските народи“, наведува дека по острите реакции на политичарите се јавиле бројни коментари на социјалните мрежи во Белград и Подгорица во кои со голема страст се упатуваат навреди кон другата страна.

– За среќа, имаше разумни читатели, кои повикуваа на смирување на страстите, оценувајќи дека ова се само политички игри и дека не треба да создаваме омраза: Политиката нека ја водат политичари, ние сме гостопримлив народ и одговараме со насмевка. Сите нормални луѓе отсекогаш биле и ќе бидат добредојдени кај нас, наведува дел од коментарите Блиц.

Вчера црногорскиот премиер Душко Марковиќ објави дека земјата ќе ги отвори границите со држави со помалку од 25 заразени лица на 100 000 жители, вклучувајќи ги Хрватска, Словенија, Австрија, Германија, Унгарија, Албанија и Грција.

Црногорските медиуми објавија дека одлуката на Марковиќ за отворање на границата за голем број земји, од кои е исклучена Србија, предизвикала остри реакции од официјален Белград, додека црногорскиот јавен сервис соопшти дека по ова „следувала медиумска хајка од Србија“.