Балкан
28. August 2020 - 18:12

Во Албанија првпат повеќе оздравени од новозаразени со Ковид-19

Во Албанија, првпат од појавата на пандемијата со Ковид-19, во едно деноноќие евидентирани се многу повеќе оздравени од заразени лица, иако бројката на новозаразени е трицифрена.

-Во изминатите 24 часа тестирани се 801 сомнителен случај, при што позитивен резултат е добиен кај 112 лица, што е најмала бројка на новозаразени во едно деноноќие, споредено со останатите денови од овој месец кога во просек имавме по 150 новозаразени. Радува фактот што имаме многу поголем број оздравени од новозаразени или 132 лица. За жал, битката со опасниот вирус ја изгубија пет пациенти, изјави Гентиана Ќирјако од Институтот за јавно здравје.

Според неа, до сега направени се 60.418 тестови, позитивен резултат е добиен кај 9.195 од нив, во списокот на новооздравени се внесени 4.923, додека починале 271 пациенти.

Моментно активни на болеста се 4.001 заболен, од нив 173 се хоспитализирани во двете Ковид болници, при тоа 26 се во тешка здравствена состојба.

Главно жариште и понатаму останува Тирана, каде се дури 91 од новите случаи или 2.063 од вкупно активните, па Драч од каде се девет од новите случаи,односно 527 од вкупно активните.

Во меѓувреме, покрај најавата дека ќе има нови вработувања на здравствен кадар, премиерот Еди Рама им вети значително зголемување на платите на лекарите и медицинските сестри.