Македонија
25. March 2017 - 17:05

ВМРО-ДПМНЕ:СДСМ ја дефокусира јавноста со секакви теми, само да не се зборува за тиранската платформа

СДСМ продолжува со својата тактика да ја дефокусира јавноста со секакви теми, само и само да не се зборува за „тиранската платформа“ кои тие очигледно ја имаат прифатено во целост, стои во писмената  реакција на ВМРО-ДПМНЕ на прес - конференцијата на Јагода Шахпаска, која рече дека новата реформска влада ќе ја укине партиципацијата за болничко лекување. 

- СДСМ беа поразени на изборите, исто како и проектите содржани во неа и сега единствено што им преостанува е да ја дебатираат „тиранската платформа“. Затоа денес Јагода Шахпаска по директна насока на Зоран Заев ги прераскажуваше лагите кои ги кажуваа во време на изборната кампања, стои во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Впрочем СДСМ, како што се наведува во партиското соопштение, вакви слични лаги за здравствениот систем во државата кажуваше и во 2002 година. - Тогаш ветуваа дека после 15-ти септември ќе нема човек кој нема да може да си го плати своето лекување, за после изборите истите тие квази здравствени експерти во СДСМ да го доведат здравството до колапс. Граѓаните многу добро ја паметат здравствената политика на СДСМ во минатото. Тогаш ниту се реновираа болници, а не пак да се градеа нови. Тогаш лековите беа екстремно скапи, но уште полошо имаше хроничен недостаток уште во првите денови од месецот, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму обвинуваат дека во време на СДСМ се богатеа веледрогерии блиски до партијата, додека граѓаните беа принудени да плаќаат екстремно скапи здравствени услуги.

- Впрочем здравството во време на СДСМ најдобро го отсликува скандалот со нивниот министер Владо Димов, кој парите на граѓаните ги трошеше за да купува бисери и накит за своите колешки министерки, стои во реакцијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека во тек е спроведувањето на историски најголем инвестициски циклус во еден момент во здравствена инфраструктура, во вредност над 74.6 милиони евра (над 4.5 милијарди денари).

- Изградивме нова Детска болница во Козле, според врвните светски стандарди за лекување и третман на најмладите пациенти. Интензивно се одвиваат градежните работи за изградба на нова клиничка болница во Штип - инвестиција вредна околу 56 милиони евра, со која штипската болница ќе прерасне во најсовремена болница во поширокиот регион. Во тек се и реконструкциите на болниците во Прилеп, Струмица, Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“ во Охрид, ја реконструиравме велешката болница, а болницата во Битола доби комплетно нов лик со надворешната реконструкција, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во македонското здравство, како што посочуваат, се инвестирани над 115 милиони евра за набавка на нова, најсовремена медицинска опрема со која сериозно го подигнавме квалитетот на здравствените услуги, а веќе отпочна реализацијата на нов инвестициски циклус во нова медицинска опрема за над 100 јавни здравствени установи низ целата држава, вреден 33 милиони евра.

Кадарот во здравството, како што истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ, во изминатите неколку години е зајакнат со околу 4.000 лица, со вработувања или со трансформација во редовен работен однос, што е историски најголемо зајакнување на човечките потенцијали во здравството.

- Над 2.800 здравствени работници се едуцирани во врвни медицински центри во Европа и светот. Едукацијата во странство беше мисловна именка во време на СДСМ. Десеткратно го зголемивме бројот на специјализации на докторите кои се доделуваат годишно, а за првпат во Македонија отворивме и државна кардиохирургија, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Ова, како што додаваат од партијата, се дел од фактите кои не очекуваат СДСМ да ги признае.