Македонија
29. November 2015 - 15:19

ВМРО-ДПМНЕ: Спасовски да се произнесе за наводниот скандал со личните карти

ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно го повика министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да се произнесе за наводниот скандал со личните карти што го објави „Фокус“.

Како што наведува ВМРО-ДПМНЕ во соопштенито до медиумите, јавноста бара информации за аферата на „Фокус“ дека се фалсификувани 30.000 лични карти, а технички поставениот министер Оливер Спасовски и покрај сите ресурси кои му стојат на располагање не кажува кој стои зад неа.

- Граѓаните од Вас бараат да ја решите оваа афера и да дадете одговори кој, за која цел и кога го направил овој фалсификат. Доколку станува збор за фабрикување афера, и во тој случај треба да постапие според законот и лицата кои фабрикуваат афера да ги соочите со правдата, наведува ВМРО-ДПМНЕ.

Според владејачката партија, Министерството за внатрешни работи досега покажало дека е компететно да се справува и со потешки предизвици.

- Затоа немате право да се криете и да молчите за ваква сериозна афера. Ваша обврска е да спречите на овие избори да нема ниту една дамка, за да нема потоа алиби вашиот лидер повторно да не ги признава изборните резултати, наведува ВМРО-ДПМНЕ во соопштенито и додава дека или сторителот на евентуалниот фалсификат или фабрикувачот на оваа афера мора да одговара.