Македонија
21. November 2017 - 15:25

ВМРО-ДПМНЕ со 84 амандмани за законот за јазиците

- Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднесоа 84 амандмани за Предлог-законот за употреба на јазиците. И тие, како и нивните колеги од владејачкото мнозинство, предлагаат дополнување на членот 1 од текстот со наведување на јазиците на сите етнички заедници односно копирање на уставната преамбула. 

Исто така тие амандмански предлагаат намалување на казните предвидени во предлог-законот за институциите од 4.000-5.000 евра на 40-50 евра. 

Со еден од амандманите се бара бришење на сите членови од предлог-законот. 

ВМРО-ДПМНЕ преку амандманите предлага судските постапки да се водат според материјалните закони, а одлуките да бидат на македонски јазик и потоа да се преведуваат на јазикот на заедниците, во државните институции албанскиот јазик да се употребува само во средините каде што тие се над 20 отсто, а не на целата територија, упатството на лековите да биде на сите јазици...  

Пратеникот Илија Димовски денеска повторно побара бришење на европското знаменце од Предлог-законот за употреба на јазиците, како и итно одржување на јавна расправа за законот. Но пратениците го одбија неговиот предлог.

За Предлог-законот за употреба на јазиците се поднесени 90 амандмани од кои 84 се на опозицијата, четири на СДСМ и два на Беса.