Македонија
17. јуни 2020 - 16:50

ВМРО-ДПМНЕ слави 30 години од основањето на партијата

Идејата на ВМРО-ДПМНЕ отсекогаш била и ќе остане Македонија, порачува Мицкоски по повод 30тиот роденден на партијата. Како трет претседател Мицкоски вели дека токму ВМРО-ДПМНЕ е носител на вековната македонска борба за сопствена независна и самостојна држава. Три децении подоцна идеалите се непроменети.

Македонија била идејата која ги водела и хероите од народно ослободителната борба. Првиот претседател на президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто во предвечерието на втемелувањето на Македонската државност ќе каже „Сега градиме македонска држава и ќе ја изградиме, а како ќе се вика таа држава?” „Се разбира – Македонија… 30 години ВМРО-ДПМНЕ и 127 години ВМРО. Толку многу години во кој секој е заслужен, а една идеја МАКЕДОНИЈА! Македонија е вечниот идеал. Македонија е идејата на нашите дедовци, татковци, но и идејата на нашите деца, внуци и правнуци. Нашата борба како ВМРО-ДПМНЕ е тој пламен никогаш да не згасне, туку напротив да се распламтува и да гори за век и векови, вели Мицкоски.

Честитка на социјалните мрежи напиша и првиот претседател на партијата Љупчо Георгиевски.

Пред 30 години на денешен ден заедно со Борис Змејковски и сите оние кои беа во салата ја формирав ВМРО-ДПМНЕ. Беа веке формирани 17 партии сите со концепт за спасување на Југославија.Во основачкиот говор прв пат од Македонија кажав дека Југославија треба да се распадне и треба да имаме своја војска,пари,пасоши,фудбалска репрезентација. Концептот што го поставив тогаш беше радикално антијугословенски, борба за демократија и борба против фалсификатите на историјата. Денес многу граѓани самостојна Македонија ја доживуваат како нешто отсекогаш дадено, пишува Георгиевски.

Со предизборно видео од 2006-та, 3 децениското постоење на ВМРО-ДПМНЕ го честиташе и Никола Груевски, кој во 2002 ја превзема челната позиција на партијата која под негово водство беше на власт цели 11 години.

 Честитки и почит кон основачите на партијата за нивната визија и храброст, но и кон сите кои подоцна со својот активизам и силна посветеност се вградија во развојот, изградбата, јакнењето и успесите на партијата и на нашата татковина Македонија, заради која постои ВМРО-ДПМНЕ, пишува Груевски во честитката.

Поради светската пандемија од ВМРО-ДПМНЕ информаираат дека 30тиот роденден на партијата нема да биде свечено одбележан.