Македонија
21. March 2017 - 12:47

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ сака да ја дефокусира јавноста од политичките случувања

Државниот долг и аукциите на државни хартии од вредност станаа редовна пропагандна алатка на СДСМ. Секогаш кога сакаат нешто да стават под тепих и да ја дефокусираат јавноста од политичките случувања, тие плетат заговори за „грчко сценарио“ и банкрот, реагира ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ на тема „финансии“. 

Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека кредитната агенција Стандард и Пурс во својот извештај наведе оти долгот на државата е низок. Ова, како што се наведува, е само една од низа меѓународни институции како Светска банка, ММФ, кредитната агенција Фич кои наведуваат дека државниот долг е низок.

- За да свртат внимание на јавноста од актуелните политички случувања, СДСМ уште пред да се одржи аукцијата на државни хартии од вредност се закануваат и вршат притисок на банките и другите инвеститори. Издавањето државни хартии од вредност секаде во светот е редовна постапка за финансирање на буџетот, наведува ВМРО-ДПМНЕ. 

Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат на 2004 година кога министерот за финансии на СДСМ Никола Поповски ги вовел државните хартии од вредност. - Дополнително, тогаш буџетот беше планиран со суфицит, значи аукциите не беа користени како извор на финансирање на буџетот. Тогаш беа издавани државни хартии од вредност по камата од дури шест пати повисока од денес, или над 11 отсто за средства кои седеле на депозитна сметка. Државата плаќала тогаш 11 отсто камата за средства кои немале никаква намена, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ. 

Според ВМРО-ДПМНЕ, желбата на СДСМ е да ја урниса економијата и да ги спречи сите редовни постапки, а најдобар пример за тоа се субвенциите кои, како што се наведува, поради нивно барање досега не се исплаќаа.