Македонија
6. April 2017 - 10:51

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ оди спротивно на сопствениот народ

Според партијата, станува се поочигледно дека со СДСМ не може да се постигне никаков договор кој не би бил на штета на државата и оти кројат планови како недемократски да почнат да ја спроведуваат тиранската платформа.

- Тие се подготвени и на сила да ја погазат волјата на народот, националните и државните интереси. Затоа револтот на граѓаните расте секој ден, се посочува во соопштението.

Од ВМРО-посочуваат дека најпрво „СДС одбива да се откаже од тиранската платформа, чии елементи водат кон разнебитување на државата, потоа СДС премолчи и за најавите на албанскиот МНР дека токму тие елементи треба да се преточат во Устав на Република Македонија, а сега СДС отворено кажува дека има план како на сила и да го реализира“. 

- Ова е многу сериозно сценарио во кое се вплеткува СДС. Ова сценарио нема да помине. Народот е против тиранска влада и тиранска платформа во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ како сериозна и одговорна партија понуди излез од политичката криза. Тоа е Манифестот за единствена Македонија. Овој манифест е гаранција на унитарниот карактер на Македонија и најдобар одговор на негирањата кон македонскиот народ, државните симболи и иредентизмот кој го промовираат домашни, но и странски субјекти. СДС оди спротивно на сопствениот народ. Затоа стравот на граѓаните од идните политички дејства на СДС е оправдан, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.