Македонија
15. January 2017 - 15:01

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ не направи ништо за подобрување на здравството

СДСМ ниту знаеја, ниту сакаа да реализираат проект за унапредување на здравствениот систем во Македонија кога имаа можност нешто да направат, наведува ВМРО-ДПМНЕ во реакција на денешната прес-конференција на СДСМ. 

Според ВМРО-ДПМНЕ, оваа партија не направила ништо за подобрување на здравството и здравствениот систем. Во време на СДСМ не била реновирана ниту една амбуланта, не се граделе нови болници, не се поправале медицинските апарати, не се набавувала современа медицинска опрема, а граѓаните плаќале скапи лекови. СДСМ, како што се наведува, кога е во опозиција едно зборува, а кога се на власт не прават ништо или водат бизниси преку здравството. 

- Граѓаните на последните избори на 11-ти декември по десетти пат ја поразија деструктивната и манипулативна политика на СДСМ, затоа што можеа да направат разлика меѓу тоа што ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ го направиле за здравството. Над 455 илјади граѓани гласа за проектите кои ВМРО-ДПМНЕ ги реализираше во здравството, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ. 

Додаваат дека само во последниот период се реализира инвестициски циклус во здравствена инфраструктура од над 74, 6 милиони евра или над 4,5 милијарди денари. Моментно се градат или реконструираат десет болници во Република Македонија.

- Во македонското здравство се инвестирани над 115 милиони евра за набавка на нова, најсовремена медицинска опрема со која сериозно го подигнавме квалитетот на здравствените услуги, се наведува во реакцијата.