Македонија
20. November 2015 - 16:49

ВМРО - ДПМНЕ прибира идеи од граѓаните низ Македонија

Идеи и предлози на 800 страници. Во централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, граѓанин понудил стотици проекти за нивната предизборна кампања. Партиски штандови денес беа поставени во Битола, Охрид, Струга, Велес, Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово и Центар. Граѓаните со задоволство го прифаќаат предизвикот на владејачката партија заедно да ја пишуваат новата изборна програма.

Проекти за бањски туризам, јавен инвестиционен фонд, субвенции за греење на пелети и нивно производство се само дел од идеи. Освен во партиските штабови, граѓаните своите предлози ги испраќаат  на меилот и интернет страницата на ВМРО-ДПМНЕ. За само еден ден пристигнати се 689 различни идеи.

На стартот на кампањата, премиерот Груевски  ги охрабри сите граѓани да не ги кријат своите идеи за подобар живот, бидејќи сите досегашни владини проекти и политики се резултат токму на потребите на народот.

-Предложете идеја која ќе помогне на вашиот град, село, на вашата општестевeнa група, на вашето семејство, или на вас самите. На вашиот пријател, дедо, баба, роднина, родител, дете, комшија, сограѓанин. Ние ветуваме дека на секој збор од вашите идеи ќе пристапиме темелно, во добар дух и со аспирација да ја реализираме идејата. Не ветуваме дека се ќе може да реализираме, тоа никогаш го немаме ветено, затоа што имаме свест дека не е можно се, веднаш и сега, но доколу и најмалку е можно ние тоа ќе го направиме. Ние не сакаме да бидеме неискрени со вас, затоа што знаеме дека токму таа наша доблест да не трчаме за ситен поен, а притоа да покажем неискреност е нашиот најсилен адут за вашата доверба. Ве охрабрувам да предлагате, да создавате, да бидете креативни. Ништо не е невозможно, постојат патишта кои водат до се, се вели дека доколку искажеме доволно волја, секогаш би требало да имаме и доволно средства. Ние реално ќе ви одговориме. Твојата идеја може многу да промени. Вистина е дека најголемите резултати во животот најчесто се постигнуваат со едноставни средства и искажување на вообичаени одлики. Имајте доверба во себе. Во минатиов период направивме доста, никогаш не ветуваме дека ќе решиме се, свесни сме дека има уште многу работа, и ние знаеме како понатаму, со нас сте на сигурно, рече премиерот Груевски.

Тимовите на ВМРО-ДПМНЕ, утре ќеги слушнат предлозите на граѓаните во Кичево, Прилеп, и во скопските општини Аеродром, Центар, Карпош, Ѓорче Петров и Кисела Вода.