Македонија
14. March 2017 - 10:36

ВМРО-ДПМНЕ: Предвремени парламентарни заедно со локалните избори за излез од кризата

ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение уште еднаш порача дека останува на принципиелната понуда до СДСМ и Зоран Заев дека ќе им дадат поддршка да формираат влада доколку се залагаат за унитарна и мултиетничка Македонија, а не бинационална држава, и јасно да кажат дека ја одбиваат тиранската платформа и елементите содржани во неа.

- За жал, ниту СДСМ ниту Зоран Заев не излегуваат со одбивање на тиранската платформа и подготвени се да предводат тиранска влада базирана на темели на платформа формирана во странска држава под диктат на странски премиер. Тие дури одат до таму и велат дека ќе дебатираат по прашања кои се од национален и државен интерес, консултирајќи партиски експерти од потписниците на тиранската платформа, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Воедно, се додава, резултатот од тоа е јасен, во фази да се оствари редефинирање на државата, менување на знаме, химна, грб, воведување двојазични банкноти и униформи, прогласување на геноцид врз Албанци спроведен од АСНОМ, 1944-та до 1956-та година и редица други одлуки кои го погазуваат интегритетот и идентитетот на македонската држава.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат и дека опстојуваат на своите позиции за предвремени избори како излез од кризата.

- ВМРО-ДПМНЕ се уште стои на позицијата дека предвремени парламентарни избори заедно со локалните се решение од кризата, бидејќи граѓаните тогаш ќе може јасно да одлучат дали поддржуваат тиранска платформа и елементи содржани во неа. Впрочем, токму изборите се најдобрата дебата за прашања од национален и државен интерес. СДСМ доколку процени дека треба тиранската платформа да се реализира, тогаш нека ја вметне во својата изборна програма, па нека ја побара поддршката од граѓаните, наместо да им прави изборни измами со наводни планови за живот, кои на крајот се претворија во планови за редефинирање на Македонија, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.