Македонија
19. December 2017 - 11:41

ВМРО-ДПМНЕ: Политички монтираното обвинение за тероризам да биде повлечено, денес нови блокади и протест во 18 часот пред Министерство за правда

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека притворот за уставобранителите мора да биде прекинат, а политички монтираното обвинение за тероризам да биде повлечено. Мора да престанат изживувањата во Истражниот затвор преку нехуманите услови во кои се држат притворените.

-Не постои никаква правна основа, ниту какви било аргументи да се бара продолжување на притворот или продолжување на истрагата за измисленото обвинение со кое за терористи беа прогласени уметници, оперски пејачи, режисери, актери, архитекти, доктори, пратеници, полициски службеници и многумина други чиј единствен грев е љубовта кон Македонија, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека Јавното обвинителство наместо по закон работело по насоките на хунтата.

-Целиот случај за наводен тероризам е монтиран за потребите на хунтата. Дејствијата кои ги превзема Јавното обвинителство се нелогични и неаргументирани. Не е исполнет ниту еден услов за да се бара и изрече мерката притвор. Неправедно притворените ниту се криеја, ниту се впуштија во бегство. Тие 8 месеци твореа и ги извршуваа своите секојдневни активности. Второ, неправедно притворените ниту влијаеле, ниту помислиле да влијаат врз кои било сведоци. Зарем некогаш Дурловски, Јовановски, Илиевски или кој било од притворените некому му се заканувал или некој мисли дека тие би се заканувале?, прашуваат од партијата.

Трето, велат од ВМРО-ДПМНЕ, неправедно приведените никогаш не сториле ниту прекршок, а не пак некое кривично дело.

-Хунтата сега им монтира тероризам, но кој терористички акт или какво насилно уривање на уставниот поредок би можеле да сторат кога најопасното оружје што партиската хунта го пронајде кај нив беа мобилни телефони и по некој лаптоп со нивните креации? Целиот случај е чист политички прогон, реваншизам и одмазда кон сите кои не се согласуваа со антидржавните политики на хунтата на Заев и тоа гласно го говореа. Ниту еден од трите услови за мерката притвор не е исполнет.Затоа притворот не смее да биде продолжен, се истакнува во партиското соопштение.

ВМРО-ДПМНЕ бара безусловно запирање на сите овие процеси на политичкиот прогон, итно и безусловно стопирање на малтретирањата, на теророт и изживувањето кое го прави СДС, итно пуштање на слобода на сите лица кои се опфатени со овој класичен политички прогон.

ВМРО-ДПМНЕ денес ќе блокира четири крстосници во градот Скопје од 15 до 17 часот:

– Крстосницата кај Соборен Храм

– Крстосницата кај „Мавровка“

– Крстосницата кај „Нова Македонија“

– Крстосницата кај Црвен Крст

ВМРО-ДПМНЕ, денес ќе организира и протест во 18 часот пред Министерството за правда, на улицата „Димитрија Чуповски“ каде ќе има повеќе обраќања пред присутните.