Македонија
19. December 2016 - 8:51

ВМРО-ДПМНЕ поднесе тужба против решението на ДИК за прифатениот приговор на БЕСА

ВМРО-ДПМНЕ како предводник на коалицијата „За подобра Македонија“ синоќа до Управниот суд на Република Македонија поднесе тужба против решението на Државната изборна комисија со кое се уважи приговорот на Движењето БЕСА и се поништија изборните резултати на гласачкото место бр. 0396/1, во општина Гостивар.

Како што соопшти Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, ваквата незаконска одлука на Државната изборна комисија директно влијае на вкупните изборни резултати на штета на коалицијата За подобра Македонија и ја оспорува јасно изразената волја на мнозинството од македонскиот народ.

Во рамки на тужбата, правната служба на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија приложиле и бројни докази и аргументи со кои се потврдува незаконитоста и неоснованоста на одлуката на Државната изборна комисија.

ВМРО-ДПМНЕ во соопштението повикува да не се врши притисок врз Управниот суд од никого и судиите да одлучуваат исклучиво врз основа на закон. - Секое поинакво постапување би било фалсификување и крадење на јасно изразната волја на граѓаните со пост изборен инженеринг, наведува ВМРО-ДПМНЕ.