Македонија
21. March 2017 - 10:15

ВМРО-ДПМНЕ: Откажување од платформата и парламентарни избори заедно со локалните

ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение уште еднаш истакнува дека доколку Заев се откаже од тиранската платформа, ќе дадат поддршка за малцинска влада. 

- Гласот на народот не смее да биде изманипулиран од аболицираниот Зоран Заев, кој поради криминалот во кој е заглавен до гуша, прифаќа секакви уцени, вклучувајќи и формирање Влада по нотите од Тирана. Поради „Поткуп“, „Пуч“, „Цареви кули“ и ред други криминали, аболицираниот Заев го одобрува однесувањето на неговиот партнер Зијадин Села кој бара промена на знамето, химната и го негира постоењето на македонскиот народ, наведува ВМРО-ДПМНЕ. 

Целта за растурање на Македонија, како што се наведува, постои скоро цела деценија, но сега ја има својата кулминација бидејќи одредени фактори од надвор во аболицираниот Заев најдоа човек подготвен по секоја цена да дојде на власт за да се спаси себе од кривичен прогон. Според ВМРО-ДПМНЕ, Заев сакајќи да се спаси себе си ја жртвува Македонија.

- Последиците од реализирање на тиранската платформа ќе бидат катастрофални, затоа ВМРО-ДПМНЕ го охрабрува да се откаже од уцената. Зоран Заев нека се откаже јасно и гласно од тиранската платформа, а ВМРО-ДПМНЕ ќе даде поддршка за малцинска влада. Втората опција која му стои на располагање е да прифати нови парламентарни избори заедно со локалните каде граѓаните ќе може демократски да изберат програма, платформа, вклучително и онаа од Тирана, доколку во неа верува Зоран Заев, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.