ВМРО-ДПМНЕ: Одговорност за раководството на ЕЛЕМ мора да има | Сител Телевизија
Бизнис
20. March 2018 - 15:20

ВМРО-ДПМНЕ: Одговорност за раководството на ЕЛЕМ мора да има

Република Македонија и нејзините граѓани имаат директни штети и загуби поради неодговорноста на власта. СДСМ не знае да менаџира со државата и државните ресурси. Од сето тоа материјална штета трпат граѓаните и државата.

Поради неспособноста на раководството на ЕЛЕМ, компанијата пред сезоната на дождови и топењето на снегот, дозволи сериозен пораст на котите во акумулациите, а особено тоа е изразено на Охридското езеро.

На графиците кои ги гледате, представени се движењето на котите на трите езера по сливот на Црн Дрим, значи Охридско езеро, езерото Глобочица и Дебарско езеро кај ХЕ Шпиље во периодот од 26-ти декември 2017 година до 18-ти март 2018 година.

1. Прво, она што веднаш паѓа во очи е дека речиси до почетокот на февруари ниту Охрид ниту Шпиље немаат промени на својата кота на акумилацијата. Значи не е извршено никакво дополнително предпразнење на акумулациите како подготовка за прием на големото количество на вода.

2. Второ, она што е уште полошо во моментот кога Охридското езеро значително почнува да му се зголемува котата, езерото кај ХЕ Шпиље значи Дебарското езеро почнува во одреден момент дури да се намалува со кота. Значи не само што водата од Охридското езеро не се префрла према Дебарското езеро туку дури и се намалува просторот кај ХЕ Шпиље.

3. Трето, резервата која што Дебарското езеро кај ХЕ Шпиље може да ја прими речиси во целиот период е преку 9 метри, а во моментот кога Охридското езеро значително се заканува да прелие, значи да ја надмине максималната кота имаме рекордни над 12 метри празен простор во акумулацијата на Шпиље. Тоа е повеќе од 50% од вкупниот расположив акумулационен капитал Шпиљското езеро.

Она што може да кажеме дека просторот во акумулацијата во Дебарското езеро е повеќе од доволен да го прифати целиот вишок на вода од Охридското езеро.

Висината на водата во Охридското езеро, покрај катастрофалните директни штети кои ги предизвика, а на кои бевме сведоци изминативе денови во Охрид, интезивно влијае и на зголемување на нивото на подземни води, како и на енормна влажност на почвата што негативно влијае на целото земјоделие во регионот.

Колкава штета е причинета на земјоделците од охридско, струшко и дебарско допрва ќе се утврдува.

Одговорност за раководството на ЕЛЕМ мора да има. Поради неажурноста на раководството на компанијата и ненавременото и недоволното испуштање на водата од Охридското езеро, дојде до поплавување на охридското крајбрежје со бранови и над еден метар. Поплавите во градот Охрид причинија огромна материјална штета кај објектите долж на целото крабрежје.

Владата и ЕЛЕМ се должни да ги обештетат сопствениците на поплавените објекти, како и сопствениците на земјоделските посеви во околината на Охрид и Струга, и целото течение на Црни Дрим. 
Поради неодговорноста на власта и ненавремената реакција на институциите причинета е огромна материјална штета, за која уште не знаеме колку изнесува.

Горан Чогеља ВМРО-ДПМНЕ