Македонија
16. February 2017 - 15:25

ВМРО-ДПМНЕ: Народот ги препозна и разобличи лагите на СДСМ и Сорос

ВМРО-ДПМНЕ смета дека СДСМ и Сорос продолжуваат да ја лажат јавноста, но оти тоа не им поминува, бидејќи, како што велат од партијата, народот не дозволува да биде излажен и потценет.

- Последната лага од кујната на СДСМ и Сорос која јавноста може да ја види е наводната независна пратеничка група во Собранието. За каква независна пратеничка група во Собранието се работи кога во неа се Ивана Туфекџиќ, Павле Богоевски и Стево Пендаровски, послушници на аболицираниот криминалец Зоран Заев, истакна на денешната прес-конференција Крсте Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ.

Додаде дека истата оваа група „таканаречени независни пратеници“, пред неколку месеци на јавноста и продавала приказна дека се граѓански активисти, а рака под рака со СДСМ и Заев организирала протести, сквернавела историја, споменици на дејци и нанесувала штета на објекти низ центарот на градот.

Праша за каков независен пратеник се смета Ивана Туфекџиќ која уплатила 118 илјади денари во касата на СДСМ  или Павле Богоевски кој уплатил 184 илјади денари уплати во кампањата на Заев, или пак, како што рече, за каков независен пратеник се смета Стево Пендаровски кога бил носител поставен на листата од Заев, а пред неколку години тој бил и партиски кандидат на СДСМ за претседател на државата.

- Тие продолжуваат да бидат само партиски послушници и лични слуги на аболицираниот криминалец Зоран Заев кои беспоговорно ќе гласаат за сите негови антидржавни и деструктивни идеи, рече Јовановски.

Овие лаги на СДСМ и Сорос, како што потенцира тој, се веќе прочитани, а обидите истите ликови од претпладне да ги прикажат како загрижени активисти, попладне да ги користат како партиски потрчковци граѓаните ги виделе и им го испорачале десетиот изборен пораз по ред.