Македонија
6. July 2017 - 17:25

ВМРО-ДПМНЕ формираше 10 пратенички групи во Собранието

Со 10 пратенички групи, ВМРО-ДПМНЕ ќе го вади максимумот од деловничките можности во Собранието. Пратеникот Илија Димовски денеска на брифинг со новинарите информираше дека 9 пратенички групи ќе имаат по 5 члена а една ќе брои шестмина. Според Димовски, на овој начин ВМРО-ДПМНЕ има за цел да добие поголем простор за дебата со оглед на тоа што на координаторот на секоја од пратеничките групи согласно собранискиот деловник му се дава простор за подолги обраќања како и можност за процедурални забелешки.

Формирањето на повеќе пратенички групи во рамките на една коалиција не е новина во македонскиот законодавен дом. И СДСМ во минатото во рамките на својата коалиција во Собранието формираше повеќе пратенички групи.

Димовски вели дека во овој парламентарен состав неговата партија поставува и нови стандарди на опозициско делување во Собранието.

Вчера ВМРО-ДПМНЕ му предложи на Собранието укинување на радиодифузната такса, што беше ветување на СДСМ пред изборите. Димовски објасни дека на овој начин ВМРО-ДПМНЕ ќе ја игра улогата на конструктивна опозиција ќе им овозможи на граѓаните да проценат колку СДСМ ги исполнува ветувањата што ги дава пред изборите.

СДСМ во овие чекори на ВМРО-ДПМНЕ гледа лицемерие.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Заев нема право да зборува за лицемерие бидејќи нема ништо полицемерно од тоа да им даваш ветувања на граѓаните пред избори, а потоа да забораваш на нив.
Од најголемата опозициска партија потенцираат дека кога станува збор за лицемерие треба да се земат предвид и изјавите на Заев дека се залага за инклузивност и учество на сите политички фактори во носењето на одлуките а до овој момент, ниту една политичка партија од опозицијата нема детали од договорот со Бугарија ниту пак била консултирана при изработката на планот 3 – 6  - 9 кој владата го промовираше завчера.