Македонија
8. April 2020 - 9:05

ВМРО-ДПМНЕ: Државата тоне во здравствен, санитарен, финансиски и економски амбис

Бројот на починати и заболени секој ден се зголемува. Медицинскиот персонал со натчовечки напори се бори за секој живот, но изостанува навремено и обмислено менаџирање со кризата.

Поради незнаење на владата предводена од СДСМ да се справи со пандемијата на корона вирусот, државата од ден во ден се повеќе тоне во здравствен, санитарен, финансиски и економски амбис.

Кога од час во час, ситуацијата со ширењето на Ковид-19 зема замав и веќе е алармантна, потребни се брзи и ефикасни мерки, за да се издржи ударот од овој вирус. Но, владата е изгубена, нефункционална, немоќна, бавна во се она што го превзема.

Секојдневно сме сведоци како здравствените работници буквално молат да им се достави заштитна медицинска опрема. Тие, кои се во првите борбени редови во борбата со пандемијата, од страна на владата и министерството за здравство безмилосно се оставени со голи раце да се справуваат со заразата. Безидејната и немоќна влада дури и на вчерашниот ден кој беше Светски ден на здравјето, не најде начин како да ги награди здравствените работници кои секојдневно и несебично, ризикувајќи го здравјето, се борат да спасат колку што е можно повеќе човечки животи.

Секојдневно стопанствениците, бизнис секторот и граѓаните кои ги губат своите работни места очајно бараат помош од владата, а таа е глува и слепа за нивните финансиски проблеми, во кои што тие вртоглаво и не по нивна вина навлегоа.

Освен што ги скрати платите на јавната администрација на 14.500 денари, владата предводена од СДСМ ништо друго не направи. Се уште нема конкретни стратешки планови и реализации за стопанството, компаниите и фирмите кои пустошот од корона вирусот веќе го чувствуваат, пустош кој допрва ќе остави многу граѓани без работни места и семејства без леб.

Анкетите кои циркулираат по медиумите предупредуваат дека само во овој период, дури 20 отсто од македонската популација добила привремен отказ, а тоа е над 160 илјади граѓани, што значи дека секое петто семејство останува без еден вработен.

Затоа не е време за натпревар кој колку направил во борбата против ова зло со корона вирусот кое го зафати целиот свет, туку време е за брза и конкретна акција да се санира стопанството. Кога државата секој миг се повеќе и повеќе тоне во здравствен и економски хаос, не е време за суети.

Не е време за себепромоција. Не е време за популизам. Нема време за чекање. Време е за мерки кои треба да се спроведат веднаш! Време е за ефикасно справување со корона вирусот! Не доцнете повеќе, ако треба помош ВМРО-ДПМНЕ е тука.