Македонија
1. October 2020 - 16:52

Власта реагира на одлуката на опозицијата да не гласа за потврда на вонредните состојби

Неодговорна и спротивна на интересите на граѓаните. Вака премиерот Заев ја коментира одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да не даде поддршка во Собранието за потврдување на вонредните состојби кои ги донесе шефот на државата. Заев сепак потенцира дека не постои ризик опозицијата да предизвика уставна криза.

Не е важно кој ја побара, ја побаравме заедно власта и опозицијата. Претседателот Пендаровски не послуша, ги слушна аргументите, одржавме состаноци и тој ја прогласи првата вонредна состојба, како и следните. Последната беше на барање на опозицијата заради изборите, немаше начин како поинаку да се организираат соодветните законски датуми за одржување на изборите. Сега да се изјави дека не се поддржува вонредната состојба, дека нема да се гласа вонредната состојба е најблаго кажано неодговорно. Процедурите мора да продолжат. Претседателот на Парламентот е должен да ги достави одлуките за вонредна состојба до пратениците. Тие треба да расправаат по нив. Не станува збор за уставна криза, ниту за некои проблеми за поништување на било какви одлуки кои се донесени, ниту пак процесот е реверзибилен, односно не може да се врати назад. Не постои ризик, истакна премиерот Заев.

Ист став има и коалицискиот парнер на Заев. И според ДУИ опозиција е неконзистентна во ставовите. 

Знаете кога се донесоа сите тие уредби ВМРО-ДПМНЕ беше дел од таа Влада и гласаше за тие уредби и беше дел од донесувањето на сите тие уредби. По формирањето на техничката Влада и оставката на господинот Зоран Заев и формирањето на техничка Влада, согласно пржинскиот договор и Законот за влада за организирање на изборите, ВМРО-ДПМНЕ со свои министри и со свои заменици министри кои имаа право на вето со врзан потпис во клучните министерства беше дел од таа Влада и беше дел од изгласувањето на сите тие уредби кои ги носевме за да ја менаџираме пандемијата и состојбите кои се создадоа во нашето општество. Нелогична е и неконзистентна е одлуката, една одлука која што си ја гласал во Влада да не ја гласам и во Собрание. Се надевам дека ќе рефлектира по сите овие одлуки и дека ќе дадат поддршка за двотретинските закони, рече Груби.

Од ВМРО-ДПМНЕ признаваат дека на почетокот на пандемијата и поради сериозноста на состојбата во државата тие сами бараа воведување на вонредна состојба, но потенцираат дека власта не ги исполни очекувањата на граѓаните. Од опозициската партија се уште ги разгледуваат можностите да побараат импичмент за претседателот Пендаровски. 

Единствено вонредната состојба наместо за справување со Ковид-19 пандемијата, беше искористена за богатење и личен интерес на одредени функционери на СДСМ и Владата. Да беа искористени вонредните состојби во насока на справување на пандемијата, односно на здравствената и економската криза, ние сега веќе ќе немавме пандемија во Република Македонија и ќе немавме проблем со корона кризата. Но, за жал сега уште повеќе пандемијата е навлезена во државата, уште повеќе зема замав и за жал се повеќе се економските последици видливи кај граѓаните и кај фирмите. И уште последна работа, Зоран Заев додека вели дека душата го боли што останале голем број на луѓе без примања и без работа во корона пандемијата, сето тоа е лицемерно и тоа не е така, бидејќи граѓаните гледаат се, вели Димче Арсовски портпарол на ВМРО-ДПМНЕ. 

Опозицискиот лидер денеска повтроно ги повика граѓаните на протестот во сабота против неправдите, реваншизмот и политичкото насилство. Мафијата секојдневно удира по темелите на државата, образованието крахира, економијата е во колапс, а здравството на колена, се гледаме на улица, пишува Мицкоски на Фејсбук.