Македонија
15. May 2021 - 16:39

Власта не се откажува од законот за легализација на дивоградби

Законот за легализација на дивоградбите се враќа во Собранието. Во спротивно ќе треба да се срушат 50 илјади дивоградби, односно 50.000 домови на граѓани кои живеат во сиромаштија. Ова е ставот на премиерот Заев, откако вчера претседателот Пендаровски одби да го потпише новото законско решение, оценувајќи го како неуставно и спротивно на владеење на правото, кое ги става граѓаните во нерамноправна положба.

-„Што да правиме со граѓаните кои имаа право 8 години да ги легализираат објектите, но немаа пари? Немаа можност да платат елаборати, а правото законско им беше дадено. Можеме денеска да кажеме стоп на легализацијата, но тоа значи дека од утре ќе треба да се руши. Мора да се срушат 50.000 домови. Таа е одлуката пред која сум исправен јас, градоначалниците, и сите. Ќе ги срушиме овие домови или ќе дадеме можност да се легализираат, со тоа што велиме дека овој пат сите ќе платат 50 отсто повеќе, сите што не се под прагот на сиромаштијата, изјави Зоран Заев, премиер.

Во законот е предвидено да се амнестираат ѓраѓаните кои со години граделе на диво, дури и во заштитени зони и национални паркови. Сега тие нема да одговараат кривично. Ова наиде на жестоки реакции од јавноста. Но, според премиерот таа одредба не можела да се смени. За прекршителите на законот, предвидени биле повискоики комуналии.

Сега пратениците од власта и опозицијата во рок од 30 дена треба да обезбедат 61 глас, за повторно да се изгласа законот, при што претседателот е должен да го потпише Указот.

Следна инстанца е Уставниот суд, каде Антикорупциската комисија веќе најави деќа ќе поднесе иницијатива да се преиспита уставноста на законот.