Македонија
10. February 2021 - 16:42

Власта не се откажува од пописот, опозицијата стартува со собирањето на потписи за поништување на законот

Одложувањето на пописот нема да смени ништо, вели премиерот Заев. Откако претходно ја остави отворена можноста наместо во април пребројувањето на населението да се спроведе во мај или јуни, денеска Заев потенцира дека оваа операција е најдобро да се одржи оваа пролет.

Пописот е од 1 до 21 април како што е предвиден и тој треба да се заврши. Иако се испрати апел дали треба нешто да се промени, уште еднаш повторувам – летото никаде не се прави попис, септември е кампања за избори, октомври се редовните локални избори. Ако одложуваме, кога? До мај да одложуваме? Што ќе смени тоа? Така што треба да се фокусираме сите одговорно да излеземе да го завршиме пописот, рече Заев.

Откако вчера Собранието ја отфрли граѓанската иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ за поништување на Законот за попис, опозицијата од утре стартува со теренско собирање на потписи, на специјални пунктови, плоштади и пазари низ повеќе градови.

По дилемите кои се појавија во јавноста дали роднини на иселениците ќе може да ја кажат нивнта национална, верска и јазична припадност, од Алијансата за Албанците велат дека за прашање ќе треба да се изјасни законоданов правната собраниска комисја, бидејќи со Законот за попис ова не е јасно.

Ставот на правниците ќе го чека и Државниот завод за статистика, откако претходно директорот Симовски и неговиот заменик Селами излегоа со сосема спротивни ставови.