Бизнис
4. December 2019 - 19:30

Власта и опозицијата се скараа за новото задолжување на домашниот пазар

Новото задолжување повторно ги скара власта и опозицијата. Додека ВМРО-ДПМНЕ обвинува за расипничко раководење со државните пари, од Министерството за финансии тврдат дека работат домаќински. Според  планот, Министерството за финансии вчера требаше да издаде државни хартии од вредност во износ од 9,2 милиони евра и веднаш да ги подмири доспеаните обврски. Но, државата се задолжи во вкупна вредност од 23,9 милиони евра.

“Зоран Заев и Нина Ангеловска вчера наместо првичните планираните 9.2 милиони евра, ја задолжија државата за 24 милиони евра. На што и како ќе бидат потрошени 15те милиони евра повеќе од првично планираните никој не знае, како што не знае ни каде се потрошени над половина милијарда евра, пари за кои е зголемен јавниот долг откако Зоран Заев е на власт”, изјави Лилјана Кузмановска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Министерството за финансии велат дека последниве две и пол години јавниот долг е стабилизиран, а државата сега се задолжува по каматни стапки пониски отколку претходно и на тој начин се стеснува долгот што понатаму треба да се рефинансира.

“Со издавањето на државните хартии од вредност се финансираат: прво, стари долгови по основ на претходни аукции кои доспеваат за наплата-денес на пример се вратени 9 милиони евра и второ - финансирање на дефицитот предвиден со Буџетот за 2019 година, изгласан од Собранието.

Согласно буџетот за 2019 година и одлука на Влада, за финансирање на буџетскиот дефицит од домашни изори, односно преку аукции ќе се повлечат 150 милиони евра. Нето повлекувањето досега изнесува 134 милиони евра и е под тој планиран износ”, пишува со соопштението од Министерството за финансии.

Според последните податоци, јавниот долг на земјава изнесува 47,7% од БДП, а во предлог-буџетот за идната година се очекува да порасне на 51%.