Македонија
12. October 2018 - 16:30

Власта брои пратеници, опозицијата се подготвува за избори

Власта брои пратеници, опозицијата се подготвува за избори. На два дена по истекот на неформалниот рок на премиерот Заев власта се уште се надева дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе дадат поддршка за промена на Уставот со цел промена на уставното име

И покрај тоа што не сака да мисли на избори, Мисовски вели дека ако останат без поддршката на опозицијата, друг излез од политичката криза нема.

Дали власта ќе ја убеди опозицијата да ги поддржи уставните измени ќе се знае во понеделник, за кога Собранието веќе ја закажа седницата на која за прв пат во пленарната сала ќе влезат измените на Уставот. За да биде усвоен предлогот со кој ќе се пристапи кон менување на Уставот  на мнозинството ќе му требаат најмалку 80 пратеници.

Министерот Спасовски вчера во интервју за медиумите објави дека дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ во полиција пријавило дека внатре во партијата трпи закани и притисоци во врска со својот став за промена на Уставот. Од опозициската партија денеска ги демантираа овие информации. Велат дека функционерите на ВМРО-ДПМНЕ трпат притисоци, но тие, доаѓаат од власта.

И додека власта сака да ја држи неизвесноста барем до понеделник во ВМРО-ДПМНЕ велат дека нивниот став е јасен и дека пратеничката група ги следи пораките добиени од граѓаните на референудмот. Од опозицијата велат дека наместо за промена на Уставот, партијата на големо се подготвува за предвремени избори. Во таа насока ќе биде и седницата на Извршниот комитет закажана за вечерва на која како што најави и лидерот Мицкоски партијата ќе ги заокружи своите подготовки за претстојното ново соочување со граѓаните.