Македонија
17. August 2021 - 15:07

Владините мерки го зголемија интересот за вакцинација кај помладите од Кичево

Мерките на Владата за превенција од Ковид-19, а се однесуваат на забрана за престојување во угостителските објекти без сертификат за примена, барем прва доза на вакцина против корона, го зголемија интересот кај помладите генерации од Кичево да се вакцинираат и како резултат на зголемениот интерес се и гужвите кај вакциналниот пункт во Здравствениот дом.

-Од вчера интересот на помладите за да се вакцинираат драстично порасна. Во Здравствениот дом се работи нонстоп во две смени, со цел што поголем број пациенти ја примат првата вакцина или се ревакцинираат. Во текот на вчерашниот ден и денешното претпладне над 600 наши сограѓани беа вакцинирани со вакцините на кинески„Синовак“ или во многу поголем број со американско-германскиот„Фајзер-Бионтек“.Овој притисок за вакцинација сигурно ќе трае и наредните денови, затоа што добар дел од младите досега ја немаа примено ниту првата вакцина-истакна Мирјана Мојсоска одговорна сестра од Здравствен дом во Кичево.

Таа потсети дека во Општина Кичево во завршна фаза е и теренската вакцинација, каде до 3 август со прва вакцина се имаа вакцинирано 1 019 жители од руралните средини и паралелно тече вакцинација на лицата кои поради здравствени проблеми, не се во можност да го посетат вакциналниот пункт.

-Паралелно со вакцинација и ревакцинација што ја вршиме во Здравствениот дом, наша екипа продолжува со теренска вакцинација која се ближи кон самиот крај. Од 3 август до денес од 1019 вакцинирани жители од руралните средини се ревакцинирани 750 граѓани и до средината на наредната недела ќе завршиме и со теренската ревакцинација во сите села од нашата општина, додаде Мојсоска.