Македонија
3. November 2017 - 12:08

Владина седница за напредокот во евроинтеграциите

Владата на Република Македонија попладне ќе ја одржи 35. тематска седница, на која ќе биде разгледана информацијата за Придонесот за остварениот напредок на Република Македонија, кој претставува основа за подготовка на Годишниот извештај на Европската комисија за напредокот во процесот на пристапување на земјата во ЕУ.

Како што соопшти владината прес-служба, седницата ќе ја води заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи.

Придонесот за остварениот напредок на Република Македонија, во согласност со новата методологија на Европската комисија за подготовка на извештаите за напредокот на земјите - кандидатки за членство во Европската Унија, за прв пат оваа година се состои од прашалник со 1.175 прашања, што се одговорени од страна на надлежните институции, и ревидирани од страна на Секретаријатот за европски прашања, во улога на координативна институција во процесот на европска интеграција на земјата.