Свет
12. January 2016 - 16:47

Владејачката коалиција во Берлин се согласи на побрза депортација на бегалците криминалци

Германските коалициски партнери го прифатиле предлогот на канцеларката Ангела Меркел со кој се заоструваат казните за бегалците кои што направиле криминал и се олеснува нивната депортација.

Странците кои што направиле сексуален престап или друг вид криминал во иднина ќе бидат полесно депортирани. За да биде депортиран барател на азил во иднина доволно е да биде осуден на една година затвор за разлика од порано кога миниумумот беше три годишна затворска казна.

Министерот за внатрешни работи на Германија Томас де Мезиер од ЦДУ и неговиот колега кој го води ресорот правда Хајко Маас од Социјалдемократите денеска објавија дека коалициските се согласиле на заострување на германскиот систем со кој се третираат бегалците, а кои важеше за еден од најлибералните на светот.

- Ова е тежок но соодветен одговор на државата за оние кои што бараат азил во Германија и мислат дека можат да направат криминал без да бидат казнети, изјави Де Мезиер на прес конференција во Берлин.

Двајцата министри изјавија дека повод за менување на законите се настаните во Келн, Хамбург, Штудгарт и други градови каде што досега се пријавени над 500 напади врз жени од страна на луѓе од Блискиот Исток и Северна Африка.

- Криминалците мораат да одговараат, а нивното протерување е една од последиците со кои што ќе се соочат, изјави министерот за правда Маас во врска со новите мерки кои што ќе треба да ги изгласа Парламентот најверојатно заедно со другите промени кои што треба да ги претрпи законот за азиланти за кој треба да се гласа до крајот на јануари.