Бизнис
9. October 2020 - 21:25

Владата раскина два договора со компании од Германија и Албанија кои требаше да инвестираат во Бунарџик

За еден месец раскинати се два договори за закуп во Бунарџик. Две странски компании не почнале со градба во предвидениот рок, па Владата ја задолжила Дирекцијата за слободни зони да ги раскине договорите.

Првиот договор кој е раскинат е со германскиот гигант Кеслер кој требаше да произведува електромотори во Бунарџик. Требаше да вработи 150 висококвалификувани кадри. Договорот беше потпишан во декември 2017 година. Оваа компанија ќе продолжи да работи во изнајмен објект.

Раскинат е договорот и со фармацевтската компанија САГЕН. Таа беше првата албанска компанија која потпиша договор да инвестира во Бунарџик во 2018. Според договорот инветсицијата тешка 20 милиони евра требаше да се реализира во две фази и да се вработат 300 луѓе.

Од кабинетот на вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи потврдуваат дека заради доцнење, договорите се раскинати, но се работи на нови услови под кои ќе бидат склучени нови договори.

„Тековниов период се дефинираат можностите за реализација на инвестициските планови и на двете компании во земјава. Некои од роковите во нивните договори беа пробиени, и поради тоа истите беа прекинати. Важно е дека инвестициите на компаниите продолжуваат. Веројатно е дека една од компаниите ќе ја продолжи својата работа надвор од зоната“.

Од Владата велат дека има и други компании кои заради корона кризата имаат потешкотии да ги реализираат инвестиции, но со секоја од овие фирми Владата работи за надминување на проблемите. Во моментов  6 големи компании се во финална фаза за почмнување со градба во зоните.

Корона кризата драстично ги намали СДИ во земјава. До јуни годинава влегле 122 милиони евра инветсиции, лани во истиот период сумата изнесувала 326 милиони.