Македонија
10. February 2020 - 16:45

Владата поништи 89 одлуки на Чулев - тој го прашува Спасовски дали ќе понесе одговорност за нарушена безбедност

Одлуката на Владата е апсурдна, смета министерот за внатрешни работи Наќе Чулев. Затоа испратил телеграма до сите организациони единици со која бара тие да постапуваат единствено и исклучиво во согласност со законските прописи. Дополнителната заменичка министерка Петровска пак смета дека телеграмата не може да ја суспендира владината одлука.

Министерот Чулев вели дека синоќешната одлука на Владата за поништување на неговите решенија за прераспоредување, е противзаконска и донесена во постапка која е спротивна на одредбите од прописите кои го регулираат работењето на Владата.

“Вчерашната одлука овој пат потпишана од страна на Оливер Спасовски е уште еден еклатантен пример на практицирање на самовластие и непочитување на Уставот и законите од страна на техничкиот премиер и луѓето кои од негова страна се поставени и раководат со Министерството за внатрешни работи. На крајот го прашувам Оливер Спасовски дали тој ќе понесе политичка одговорност доколку вчерашната одлука за укинувањето на решенијата потпишана од негова страна предизвика безбедносни импликации со кои ќе биде доведена во прашање безбедноста и сигурноста на граѓаните на Република Македонија“, пишува Чулев.

Заменичката пак одговара: На секој правник му е јасно дека одлука донесена во законска процедура не може да биде суспендирана врз основа на телеграма, па затоа доколку тој не се сложува со одлуката на Владата, треба тоа да го изрази согласно законските процедури пред институциите, а не со телеграма.

Истовремено, таа вели дека Чулев не смее да ја злоупотребува својата позиција и да ги поттикнува вработените да сторат повреда на законот и да не ја почитуваат одлуката на Владата, ги  повика вработените во министерството да го задржат својот професионален и личен интегритет и да се спротивстават на секој обид на враќање на некои стари навики на беззаконие и диктаторско однесување.

Влада синоќа ги поништи 89 решенија за распоредување кои министеот Чулев ги донел минатата недела.