Македонија
6. December 2015 - 17:03

Владата подготвена за проширување на позитивната листа со понова генерација лекови

Проширување на позитивната листа на лекови со 15 нови медикаменти. Владата покажа подготвеност да одговори на современите медицински предизвици и употребата на нова генерација на лекови. Како што најави премиерот Никола Груевски, најголем дел од нив или околу 80 проценти се за третман на  малигни заболувања. Но бенефит во лекувањето ќе имаат и пациенти со воспалитетлни болести на цревата, ревматоиден артрит и мултиплекс склероза.

- Станува збор за т.н. прва линија лекови, односно лекови кои се прво препорачани од страна на лекарите согласно медицината базирана на докази. Со ова на болните ќе им се овозможи на позитивната листа да ги имаат најпрепорачаните лекови по медицина базирана на докази кои произлегуваат од т.н. протоколи преземени од меѓународните протоколи во најразвиените земји, изјави премиерот Никола Груевски.

Пред проширувањето, постојат законски процедури кои веќе се почнати во министерството за здравство. Од тендери до постапки и лекарски комисии кои според проценките треба да финишираат до март идната година.

-целата процедура треба да заврши од три до четири месеци, односно до март или најдоцна почетокот на април по што 15-тина лекови нови лекови од кои најголем дел за малигни заболувања ќе се најдат на позитивната листа, изјави Груевски

После 6 години ова е прво вакво поголемо проширување на Позитивната листа на лекови. Најголемиот бенефит ќе го имаат пациентите кои ќе можат да ја користат најсовремената и препорачана терапија.