Македонија
22. May 2020 - 16:53

Владата ќе ја смени уредбата, факултетите ќе одлучуваат за начинот на полагање на испитите

Универзитетските професори сепак ќе имаат можност да ги проверат знаењата на студентите лице в лице. Секој факултет самостојно ќе одлучува дали има услови за полагање со физичко присуство, се вели во предлог уредбата која попладнево ќе биде доставена на владината седница.

Претходната владина уредба предвидуваше целокупната дејност на високообразовните установи да биде организирана далечински, односно по електронски пат, а секој факултет беше задолжен да обезбеди технички услови.

Министерот Адеми за Сител информираше дека измената се предлага во консултација со сите универзитетски тела.

Доколку биде прифатен предлогот, ќе следува објавување на нов протокол под кој би биле организирани испитите во јунската испитна сесија. Најавата на Адеми е во согласност и со информацијата од ректорската управа за комбиниран пристап при полагањето во јуни.

Адеми дополнува дека, сепак, ова е предлог уредба, чие усвојување крајно ќе зависи од мислењето на здравствените авторитети.

Професорскиот кадар веќе подолго време предупредува дека онлајн организирањето на факултетската настава се соочува со сериозни проблеми и дека ништо не може да го замени полагањето со физичко присуство.