Бизнис
4. December 2021 - 19:58

Владата ги замрзна цените на основните производи, за граѓаните мерката е задоцнета

Се замрзнуваат цените на основните прехранбени производи. Лебот, шеќерот, брашното, маслото за јадење, млекото, месото и сувомеснатите производи, како и сирењето и урдата ќе се продаваат по цени кои важеле на 1 декември.

Владата донесе одлука во наредните два месeци, односно до 31 јануари да  ги ограничи цените, за да спречи  ценовен шок. Доколку има потреба, мерката ќе продолжи.

Граѓаните сметаат дека е добра ваквата мерка, но е задоцнета.

И лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека мерката е задоцнета.

Синдикатот уште пред неколку месеци побара да се донесе ваквата мерка, за да се заштити стандардот на граѓаните. Сметаат дека бенефитите за работниците, кое секојдневно се соочуваат со зголемени цени по маркетите, ќе бидат големи.

Покрај ова, од ССМ бараат и зголемување на минималната плата, прогласување недела – неработен ден и потпишување на Општиот колективен договор.

И дадоа рок на Владата до 12 ти декември да ги донесе ветеното. Во спротивно точно во 12 часот и 12 минути на 12ти декември излегуваат на улица. Ако протестот не вроди со плод, за наредниот период најавуваат генерален штрајк.