Македонија
1. December 2020 - 16:36

Владата бара нови 6 месеци кризна состојба

Владата ќе бара од Собранието државата до средината на јуни да биде во кризна состојба поради корона вирусот. Одлуката на Управувачкиот комитет за кризи доби зелено светло на денешната владина седница и ќе биде упатен до законодавниот дом. Се очекува пратениците да се изјаснат најдоцна до 19 декември кога завршуваат 30-те дена од сегашната кризна состојба.

Од Владата велат дека одлуката ја донеле заради поефикасно справување со Ковид пандемијата и поголема заштита на здравјето на граѓаните.

Инаку кога е на сила Кризна состојба според законот државата менаџира и со јавниот и со приватниот сектор. Можат да се користат и технички и човечки ресурси, во помош се вклучува и Армијата. Засега само околу 200 војници се ангажирани во обезбедување на болниците кои се Ковид Центри. А во лекувањето на пациентите на Интерните клиники од денеска се ангажирани и воено медицински лица.

Првата кризна состојба на територијата на целата држава во оваа пандемија со Ковид-19 на барање на Советот за безбедност беше прогласена на 20 ноември. Претходно ваква состојба имаше само на јужната граница поради мигрантите, која собранието во континуитет ја продолжуваше.

Видеа од Македонија