Бизнис
2. July 2020 - 20:42

Виз Ер: Обновени рутите од и до Македонија, достапни 34 дестинации

Нискобуџетната авиокомпанија Виз Ер објави дека со повторното отворање на рутите од аеродромите во Скопје и Охрид, на кои од вчера се опслужуваат патнички летови по пауза од 3,5 месеци поради мерките за пандемијата со КОВИД-19, патниците можат да резервираат карти за 34 различни дестинации.

Авиокомпанијата денеска соопшти дека моменталните рути што ги опслужуваат  од Скопје се на дестинациите: Салзбург, Брисел Шарлероа, Ларнака, Копенхаген, Турку, Париз Бове, Берлин Шенефелд, Бремен, Келн, Дортмунд, Франкфурт Хан, Фридрихсхафен, Хамбург, Хановер, Карлсруе/Баден-Баден, Меминген/Минхен Запад, Нуремберг, Будимпешта, Милано Малпенса, Рим Чампино, Малта, Ајндховен, Осло Сандефјорд Торп, Барселона Ел Прат, Гетеборг Ландветер, Малме, Стокхолм Скавста, Векше и Лондон Лутон. Од Охрид, пак, се лета до Виена, Дортмунд, Милано Малпенса, Малме и Лондон Лутон.

-Со цел да се осигура дека здравјето и благосостојбата на патниците и екипажот останат непроменети, Wizz Air воведува нови протоколи, за да се почитува физичката дистанца за време на чекирање и да се подобри хигиената на летот. Како дел од мерките за заштита на здравјето на патниците и екипажот на авиокомпанијата, патниците треба да се чекираат и да ги купат сите дополнителни услуги онлајн, како на пример плаќање дополнителни торби, за да ја намалат интеракција на аеродромот. За да се спречи можноста за ширење на инфекција, најучтиво се замолуваат сите патниците да се придржуваат на новите правила за физичка дистанца при влегување и излегување од авионот, соопшти Виз Ер.

Оттаму истакнуваат дека ќе продолжат со својот строг распоред за дневно чистење на целата флота, при што целиот авион ќе биде дезинфициран преку ноќ во согласност со официјалните упатства.

-Среќни сме дека скопската база е повторно отворена, и ќе ги продолжи своите летови од Скопје и Охрид, овозможувајќи им на патниците можност да патуваат, да ги посетат своите роднини, или пак да отидат на одмор. Безбедноста на нашите патници и членови на екипажот останува наш најголем приоритет. Имплементиравме низа на заштитни мерки за да се осигураме дека хигиената е на највисоко ниво. Спремни сме да ги пречекаме нашите патници на лет, изјави Паулина Госк, менаџер за корпоративни комуникации во Виз Ер.