Македонија
1. December 2022 - 19:40

Вирусните инфекции ги преполнија детските оддели

Подолг престој во болница и повеќе денови со терапија е епилогот од вирусните инфекции кои ги преполнија детските оддели. 

Најпогодена е најмладата популација и во болницата во Козле, дури 80 проценти од хоспитализираните се деца до 3 годишна возраст. 

Според педијатрите тоа е генерацијата која во време на ковидот беше како под стаклено звоно без контакт со вируси и бактерии. 

-Тоа не се деца кои доаѓаат прв пат кај нас, ги лекувале и претходно со антибиоктик дома не поминува и ги носат во болницата.. овие вируси прво почнуваат со течење на нос, болно грло, а потоа можат да дадат и симптоми на долните дишни патишта и болки во уво, вели Д-р. Бесник Зеќири, директор на детската болница во Козле.

Поради компликации од инфекциите, двајца пациенти во Козле се на кислородна поддршка. Низ амбулантите дневно имаат околу 200 прегледи, но школските деца поретко завршуваат во болничка соба.

-Тие имаат полесна клиничка слика, ги праќаме на домашно лекување со препорака една недела да седат дома да не одат на училиште со другарите за да не се шират заразите и поминуваат со антибиотик, чаеви и витамини, вели Зеќири. 

Пандемијата и сезонскиот грип се во затишје и според лекарите тие не ги полнат ординациите. Во моментот има 174 позитивни со Ковид-19 а со инфлуенца има пријавено 144 болни од кои мал број се од детската популација.