Македонија
22. January 2020 - 16:52

Викендов нови разговори за Законот за обвинителство - опозицијата подготвува писмени забелешки

До крајот на неделата, а најверојатно во сабота ќе се состанат работните групи на власта и опозицијата за новата верзија на законот за обвинителство откако вчера претставници на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ  го одблокираа дијалогот што беше закочен речиси пет месеци.

Стручниот тим на опозициската ВМРО-ДПМНЕ утре, а најдоцна до петок ќе треба да ги достави своите забелешки на законот што го изготви министерството за правда, по што треба да почнат и самите преговори.

И понатаму клучните разлики меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ остануваат исти: старо ново обвинителството за организиран криминал и висока корупција што практично е фузирање на сегашното обвинителство на Вилма Рускоска со она на Катица Јанева.  ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа вдомување на обвинителите на СЈО по автоматизам во државното обвинителство.

Од друга страна, од власта тврдат дека ВМРО-ДПМНЕ сака да спречи зголемување на бројот на обвинителите во ова обвинителство што би значело и кочење на правдата.

Последната верзија на законот за обвинителство е трета по ред откако пред повеќе од една година почна да се заговараат законски промени во обвинителската сфера. Власта пред неколку недели го активираше повторно прашањето со цел законот да биде изгласан пред распуштањето на парламентот на 10 февруари.

Иако не е услов за почеток на преговорите со Европската Унија, Брисел постојано испраќа пораки дека добро е законот да биде донесен пред следниот состанок на Европскиот совет.