Македонија
9. November 2015 - 10:55

Викендот во Скопје 32 сообраќајки, 23 лица повредени, една жртва

Во текот на изминатите три дена на подрачјето на Град Скопје од страна на сообраќајната полиција извршен е увид на вкупно 32 сообраќајни незгоди.

На 6 ноември, петок, сообраќајната полиција изврши увид на вкупно 13 сообраќајни незгоди. Од нив, пет се со последица материјална штета и шест се со последица телесна повреда во кои со полесни повреди се здобиле двајца возачи на патничко моторно возило, еден сопатник и тројца пешаци.

Се случиле и две незгоди со последица тешка телесна повреда. Првата се случила во 9 часот на крстосницата од ул. „1“ и ул. „2“ во сeло Ново Село, во која учествувале патничко моторно возило „пежо“ и велосипед. По незгодата велосипедистот со возило на Брза помош е пренесен во ГОБ „8 Септември“ каде се констатирани тешки телесни повреди и истиот е задржан на понатамошно лекување.

Втората се случила во 17:15 часот на ул. „Скупи“ бр. 20 во близина на куќен број 4, во која учествувале патничко моторно возило „голф“ и пешак. По незгодата пешакот со друго возило бил пренесен во Ургентен центар „Мајка Тереза“ каде му биле констатирани тешки телесни повреди и е задржан на понатамошно лекување.

На 7 ноември, сабота, сообраќајната полиција изврши увид на вкупно 11 сообраќајни незгоди. Од нив, четири се со последица материјална штета и седум се со последица телесни повреди во кои со полесни повреди се здобиле четворица возачи на патничко моторно возило, пет сопатници, двајца пешаци и еден возач на мопед.

Во текот на вчерашниот ден, 8 ноември, извршен е увид на вкупно осум сообраќајни незгоди. Од нив, четири се со последица материјална штета и три се со последица телесна повреда во кои со полесни повреди се здобиле еден возач на патничко моторно возило, еден возач на трактор и еден патник во автобус.

Се случила и една незгода со загинато лице. Истата се случила околу 12:30 часот на автопатот Куманово – Скопје, наспроти индустриската зона Бунарџик, во која патничко моторно возило „пежо“ со германска национална ознака, управувано од граѓанин на Скопје за време на управувањето со возилото починал, по што со возилото отишол во десно и излегол надвор од коловозот и удрил во пневматик испаднат од товарно моторно возило кој се наоѓал на земјена уредена површина покрај коловозот.

Денеска Отсекот за превенција при Единицата за безбедност во патниот сообраќај при СВР Скопје ќе одржи едукативни работилници во Основното училиште „Невена Георгиева - Дуња“ кое се наоѓа на подрачјето на општина Кисела Вода со учениците од второ и четврто одделение.

Денеска со почеток во 18 часот во СЦ „Јане Сандански“ во рамките на АБА лигата ќе се одигра меѓународен кошаркарски натпревар помеѓу КК МЗТ Аеродром и КК Црвена Ѕвезда, Србија. Од страна на сообраќајната полиција ќе бидат преземени соодветни мерки за сообраќајно обезбедување, физичко регулирање, а по потреба и пренасочување на сообраќајот.