Македонија
22. October 2024 - 12:27

Викендот во Штип 39-то издание на „Макфест“

Петок и сабота, на 25-ти и 26 –ти октомври, „Градот под Исарот“ по 39-ти пат ќе пулсира во ритамот на музиката на најпрестижниот фестивал на забавни мелодии „Макфест“. Новина е што годинава изведувачите ќе ги придружува оркестар во живо.

-Претпоставувам дека го направивме најдобриот избор на песни. Оваа година навистина имавме рекорден број на пријавени песни на фестивалот. Преклани кога почнавме во оваа постава имаше помалку од 15 песни пријавено на конкурсот, лани имавме 56, а оваа година 76 песни. Интересот кај естрадата и кај јавноста е се поголем, изјави Роберт Саздов, уметничкиот директор на „Макфест“

Вкупниот буџет за реализација на фестивалот е 6 милиони денари. Локалната самоуправа и општествено одговорни компании издвоија 5 милиони денари, а Министерството за култура го поддржува со 1 милион денари.

-Морам да напоменам дека оваа поддршка која што годинава ја имаме не е доволна. Она што го имавме во годините наназад како недоразбирање и минимална поддрша до страна на Министерството за култура веќе од годинава имаме одредени поместувања во позитивна насока, а јас сум убеден дека на јубилејното 40-то издание догодина поддршката од Министрството за култура ќе биде онака како што доликува, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип

Годинава фестивалот ќе биде од ревијален карактер, а единствената награда која ќе се додели е за најслушана песна помеѓу двата фестивала.