Македонија
16. September 2015 - 18:46

Вицепремиерот Бесими ја прими австриската амбасадорка, Ренате Коблер

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими денеска имаше средба со новоименуваната амбасадорка на  Австрија во Македонија, Ренате Коблер.

Бесими, како што соопшти неговиот Кабинет, ја поздравил поддршката на Република Австрија за  политиката на проширување и пристапувањето на земјите од регионот во Унијата. Оваа поддршка беше потврдена и на неодамнешниот Самит за Западен Балкан кој се одржа во Виена.

Тој за време на разговорот ги потенцирал и клучните приоритети и спроведувањето на реформите од европската агенда, особено во областите на судство, борба против корупција и организиран криминал, слобода на изразување, изборна реформа, фундаментални права и меѓуетнички односи како и во делот на економските критериуми.

Вицепремиерот Бесими ја истакнал и важноста од продолжувањето на конструктивниот политички дијалог и исполнувањето на обврските кои произлегуваат од  Договорот од 2-ри јуни, анексот од 19-ти јуни и протоколот од 15-ти јули.

Во однос на актуелната состојба со мигрантите, Бесими нагласил дека вклучувањето на земјите од Западен Балкан во единствениот пристап на ЕУ кон мигрантската криза е од суштинско значење, бидејќи земјите, вклучувајќи ја и Македонија, се транзитни рути за мигрантите и затоа е потребана и поддршката од Унијата.