Балкан
12. March 2016 - 15:59

Вицас: Грција се надева дека за една недела на Идомени ќе има подобра ситуација

Грција се надева дека ситуацијата во кампот Идомени, на границата со Македонија, каде се блокирани околу 14.000 мигранти, за една недела ќе биде подобрена, изјави денеска заменик министерот за одбрана Димитрис Вицас, цитиран од француските медиуми.

Тој подвлече дека Владата се обидува да „ги убеди“ мигрантите, меѓу кои има многу семејства со деца, да се сместат во некои од прифатните центри во земјата.

Вицас напомена дека 400 лица вчера веќе го напуштиле кампот Идомени за да се засолнат во блиските прифатни центри во северна Грција.

Според него, до крајот на неделата ќе се обезбедат 50.000 места во прифатните центри. Сега во земјата има малку над 40.000 места.

Грчките власти се обидуваат да ги убедат стотиците илјади бегалци, кои се натрупани во камповите и пристаништата низ земјата, дека главниот пат за Европа им е затворен, но во земјата доаѓаат уште стотици и стотици мигранти, главно од Блискиот исток и Африка.

Според грчките медиуми бројот на мигранти во Грција сега надминува 42.000 лица.