Македонија
7. October 2019 - 17:38

Венецијанската комисија со сериозни критики за Законот за јазиците

Законот за употреба на јазиците треба да претрпи измени. Тој е неприменлив во делот на судските постапки, преголеми се казните за институциите, а иако ги надминува стандардите за употреба на јазиците може да чини многу пари во ситуација кога веќе има закон за употреба на јазиците од 2008 година. Ова се само дел од збаелешките што стојат во драфт мислењето на Венецијанската комисија за законот за јазици, а кое го објави портпалот Плус инфо.

„Многу одредби од Законот за јазици (од 2018 година) ги надминуваат европските стандарди дефинирани особено во Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици. Ова во принцип е за пофалба. Венецијанската комисија ја поздравува подготвеноста на властите на Северна Македонија за подобрување на јазичната состојба на немнозинските заедници. Како и да е, според мислењето на Венецијанската комисија, во одредени области законот оди премногу далеку, наметнувајќи нереални правни обврски на јавните институции. Ова е особено случајот со одредбите со кои се предвидува употреба на албанскиот јазик во судските постапки, кои се формулирани на толку широк начин што сигурно би барале повеќегодишна подготовка да биде целосно спроведена“, пишува во дел од миселњето на Венецијанската комисија

Комисијата го повикува законодавецот да го преиспита законот за јазици земајки ги пред забелешките и препораките. Конечната верзија на мислењето странските експерти треба да ја објават на 17 октомври.

Министерството за правда вели ќе почне измени на законот кога мислењето ќе биде официјално.

„Мислењето на експертите на Венецијанската комисија е класифицирано се до неговото усвојување од Комисијата кога станува официјално. До неговото официјализирање нема да коментираме, а штом ќе биде усвоено ќе го почнеме процесот на имплементирање на препораките содржани во него“, велат од министерство.

Од владата пак, имаат ист одговор како министерството за права, освен последната реченица од одговорот која се однесува на најавата за законски измени.

За опозицијата оваа драфт верзија на мислењето на Венецијанската комисија е правна шлаканица за целата влада на премиерот Зоран Заев.

Ние сметаме дека законот од 2008 година е применлив, и може треба да се прилагоди уште малку. Но, на тој закон немало вакви ригидни забелешки и правни недостатоци кои беа посочени од Венецијанската комисија за овој закон за кој предупредувавме дека е неефикасен и е повеќе политички, а не подобрува јазични стандарди или права.

Од ДУИ пак, велат дека мирот што го носи овој закон нема цена.

Цената на мирот на еднаквоста и меѓуетничките подноси е неспроведлива со симболичната цена на имплементација на еден закон со кој всушност се заокружува Охридскиот договор. Комисијата го поздравува и дава позитивно мислење за употреба на албанскиот јазик кај партиите и униформите - вели Груби кој смета дека законот е сосема применлив во пракса.

Законот за јазици беше донесен во тешка и долга процедура пред речиси две години. ВМРО-ДПМНЕ сметаше дека е противуставен. За законот суспензивно вето употреби и поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов. Поради тоа законот во јануари беше прегласан од парламентот и осамна во „Службен весник“ само со потпис на собранискиот спикер Талат Џафери. Под притисок на јавноста беше испратен на мислење во Венецијанската комисија.

Во меѓувреме, во собраниска процедура е Законот за инспекторат за законот за јазици. Опозцијата денеска побара тој да биде повлечен имајќи го пред вид ова првично мислење на Комисијата особено во делот на казните, но мнозинството го одби овој предлог.